Локалитетот Иловица има резерви од 237 милиони тони руда која може на економски исплатлив начин да се експлоатира, покажуваат најновите објавени резултати од истражувањата што ги врши концесионерот на идниот рудник, канадската фирма „Еуромакс рисорсис“. За потенцијалите на Иловица првично беа објавени резултати за резерви од 143 милиони тони руда со просечна содржина од 0,42 грама злато и 0,23 проценти бакар, кои може да се добијат од еден тон руда. Тие се категоризираа како количества што може рентабилно да се експлоатира, при што со проектирано годишно производство од 12 милиони тони руда се очекуваше од Иловица да се добијат околу 4,2 тони злато и 24.000 тони бакар годишно. Овие бројки во август годинава беа ревидирани со нови податоци за утврдени резерви од 184 милиони тони руда, при што беше најавено очекувањето за докажување на уште поголеми резерви.
Локалитетот Иловица има резерви од 237 милиони тони руда која може на економски исплатлив начин да се експлоатира, покажуваат најновите објавени резултати од истражувањата што ги врши концесионерот на идниот рудник, канадската фирма „Еуромакс рисорсис“.
За потенцијалите на Иловица првично беа објавени резултати за резерви од 143 милиони тони руда со просечна содржина од 0,42 грама злато и 0,23 проценти бакар, кои може да се добијат од еден тон руда. Тие се категоризираа како количества што може рентабилно да се експлоатира, при што со проектирано годишно производство од 12 милиони тони руда се очекуваше од Иловица да се добијат околу 4,2 тони злато и 24.000 тони бакар годишно. Овие бројки во август годинава беа ревидирани со нови податоци за утврдени резерви од 184 милиони тони руда, при што беше најавено очекувањето за докажување на уште поголеми резерви. Со најновите податоци се продолжува и можноста за експлоатација на рудникот во многу подолг период и истите даваат основа за тврдењето дека Иловица ќе биде најголемиот рудник за злато и бакар во Југоисточна Европа.
Kанадската компанија „Еуромакс рисорсис“ ја има концесијата за истражување и за вадење руда на бакар и злато за период од 30 години и истата важи за на површина од 1,68 квадратен километар. Локалитетот Иловица од 2017 година, кога се планира да почне експлоатацијата, ќе биде површински коп, од кој постапно ќе се врши ископ на рудата која ќе се третира со метод на преработка познат како флотација, односно истата ќе се дроби и ќе меле и од неа ќе се добива концентрат, кој потоа ќе се топи во специјализирани топилници.
За експлоатација на минералната суровина, концесионерот е должен да плаќа концесиски надоместок по два основа, и тоа за користење на просторот, односно површината на која е доделена концесијата за експлоатација на минерални суровини и концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини. Во првиот случај, тој се плаќа сразмерно на површината на која е доделена концесијата и истиот се плаќа еднаш годишно, а во согласност со важечкиот тарифник изнесува 180.000 денари за квадратен километар. Во вториот случај, концесионерот плаќа надоместок во износ од 2 процента од пазарната вредност на металот содржан во секој тон произведен концентрат. Основа за пресметување ќе биде официјалниот извештај за просечното движење на цените на металите на лондонската берза. Овој надоместок „Еуромакс“ ќе почне да го плаќа откако ќе почне со експлоатација на рудата и по добивање на концентратот. Од концесискиот надоместок 78 проценти се приход на буџетот на општините на чие подрачје се наоѓа опфатот на проектот, а 22 процента остануваат во државниот буџет, од кои 6 проценти се издвојуваат за проекти за заштита на животната средина.
Kанадската фирма планира во прва фаза да вработи меѓу 300 и 400 лица.